Знаменитости Archives | Каде за Викенд

Крушево Етно Град

Проектот „Крушево етно-град“ претставува историски времеплов за Крушево. Градот ќе се врати 106 години назад во историјата за време на Крушевската Република. По улиците на Крушево ќе се шета локалното население облечено во униформа на комити-востаници и турски војници.

Од денеска градот – музеј Крушево е театарска сцена под отворено небо,  ќе се живее во амбиентот на 1903-та година при што дуќаните, кафеаните и чаршијата ќе живеат во духот на минатото.  Целта на проектот, кој го поддржа Министерството за култура, е да го поттикне населението на Крушево да ги анимира потенцијалните туристи да претстојуваат во „Крушево етно-град“ со тенденција, преку културниот туризам, дел од младите кои не се вработени да го најдат својот иден ангажман.

Кокино

Опсерваторијата Кокино се наоѓа во атарот на општината Старо Нагоричане, на оддалеченост од околу 75 километри од Скопје, односно 35 километри од Куманово. До неа води асфалтен пат, а последните 500 метри треба да се пешачи за да се стигне до самата опсерваторија. Таа е поставена на врвот „Татиќев Камен“, на надморска висина од 1.030 метри. Таа е датирана во 1800 г. п.н.е., односно раното бронзено време, а се протега на површина од 5.000 квадратни метри.

Според наодите на археолозите, на наоѓалиштето Кокино, всушност, немало живеалишта туку дека опсерваторијата воедно била и светилиште, а во процепите на карпите се ставале предмети наменети за нивните божества. Во наоѓалиштето има и еден вид престол, каде што, најверојатно, седеле старешините и водачите на племето. При откривањето на наоѓалиштето пронајдени се бројни артефакти (керамички чинии, амфороидни садови, камени секири итн.).

Маркови Кули

Тврдината Маркови Кули, го претставува некогашниот средновековен град на легендарниот владетел Крале Марко, син на кралот Волкашин. Опкружена со стрмни падини покриени со монументални гранитни карпи, некогашната населба се наоѓа на 120 до 180 метри висок рид. Големата тврдина се издигнува над Прилеп, еден од најстарите градови во нашата земја кој бил и главен град на средновековното кралство на кралевите Волкашин и Марко и место каде може да се почуствува духот на средновековната ера. Прилеп секогаш претставувал упориште на Македонските владетели, тоа е град кој е посветен на својата култура и традиција, на своите легенди и херои.

Хераклеа

Хераклеа Линкестис е еден од позначајните антички градови во Македонија. Градот егзистирал повеќе од еден милениум. Формиран е во средината на IV век п.н.е. од страна на Филип II Македонски како важен стратешки пункт.

Во средината на II век п.н.е. Римјаните ја освоиле Македонија и ја уништиле нејзината политичка моќ, а потоа ја претвориле во провинција и ја разделиле на четири области. И покрај ваквата состојба, Хераклеа која што припаѓала на четвртата област во римскиот период доживеала извесен просперитет. Тоа се должи, пред се на изградбата на патот via Egnatia на кој што овој град бил важна станица.
Од римско време во Хераклеа се откриени и презентирани објектите: терми, портик со почесни и вотивни споменици, театар, a се идентификувани и делови од други објекти во рамките на градските зидини и надвор од нив.

Археолошки локалитет Стоби

Стариот град Стоби “…Stobisvetere urbe…”, како што го нарекува римскиот историчар Ливиј, подигнат на влевот на Црна Река во Вардар, е најголемиот град во северниот дел на римската провинција Македонија, подоцна главен град на провинцијата Macedonia Secunda и значаен урбан, воен, административен, трговски и религиозен центар на две големи империи: римската и рановизантиската.

Сместен во срцето на Македонија, на крстопатот меѓу егејскиот свет и централниот Балкан, во текот на целокупниот период од своето постоење тој претставувал средиште, во кое се слевале културните придобивки на античкиот свет.

Денес, остатоците на овој надалеку познат археолошки локалитет се еднакво лесно пристапни од меѓународниот автопат Е-75, што го чини Стоби мошне популарна туристичка дестинација во Македонија. Ноќната илуминација на градските ѕидини и откриените градби дополнително ја нагласуваат неговата атрактивност и убавина.