Манастири Archives | Каде за Викенд

Лесновски манастир

На југозападните падини на планината Осогово, на надморска височина од околу 870 метри, во селото Лесново се наоѓа манастирот “Свети Архангел Михаил и пустиножителот Гаврил Лесновски”, меѓу народот повеќе познат како Лесновски манастир.

Се смета дека ктиторот на црквата “Свети Архангел Михаил” е деспотот Јован Оливер, кој во 1341 година ја подигнал оваа црква врз темелите на некоја постара базилика, која постоела во времето на анахоретот Гаврил.
Настанувањето на манастирот се поврзува со животот на пустиножителот Гаврил Лесновски.
Во опширното житие на пустиножителот од 1868 година е наведено дека за време на неговиот живот манастирот постоел и тој таму се замонашил.
Постои мислење дека манастирот бил изграден кога тој се замонашил или, пак, по неговата смрт, кога се развил култот за подвизнишкиот живот (како што е наведено во неговото кратко житие од 1330 година). Од особено значење во Лесновскиот манастир е иконостасот од 1814 година, изработен во релативно покрупна резба од мајсторското длето на познатата мијачка копаничарска школа предводена од Петре Филиповски-Гарката.Сегашниот иконостас е поставен на местото на некој постар, кој е отстранет од црквата.

Зрзе

Зрзе е познато село во околината на Прилеп на северозападната страна на Пелагонија. Се наоѓа во крајниот северозападен дел на Прилепското Поле недалеку од Порече. Сместено е на територијата на Општина Долнени на границата со соседната Општина Македонски Брод. Западно од Зрзе е високиот варовнички масив на планината Даутица, додека на исток се простира пространа плодна низина. Селото е планинско на надморска височина од 720 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 33 километри.

Трескавец

Трескавец — манастир во областа Пелагонија, на 10 километри од градот Прилеп. Се наоѓа на надморска височина од 1280 метри, меѓу карпите под Златоврв (1422 м). Во рамките на манастирот се наоѓа и црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Манастирот има свои конаци и трпезарија. Издигнат високо над карпите во планината, дава прекрасна глетка на околните планини Баба, Бабуна и Кајмакчалан, на рамнината Пелагонија, како и на градовите Прилеп, Битола и Крушево.

До 2013 година, кога бил изграден асфалтен пат до манастирот Трескавец, се велело дека е најнепристапното и најскриеното светилиште во Македонија, затоа што до него можело да се стигне само со пешачење по тесна, кривулеста патека која поминува покрај неверојатни карпи и различни карстни форми. Манастирот Трескавец е еден од најубавите манастири во Македонија и значаен монашки и духовен центар на Охридската архиепископија.

Манастир Св Јоаким Осоговски

Во непосредна близина на Крива Паланка се наоѓа големото македонско духовно светилиште, манастирот Свети Јоаким Осоговски. Во овие предели кон крајот на XI и почетокот на XII век се подвизувал преподобниот отец наш Јоаким Осоговски Чудотворец.

Бигорски манастир

Како во секој манастир, изграден по подобие на градот Божји – Небесниот Ерусалим, така и овде, во Бигорскиот, средишното место го зазема соборниот храм, т.н. католикон. Тој бил изграден кон крајот на XVIII век, во еден посебен, автохтон архитектонски стил, што се среќава само во мијачката архитектура во време на Преродбата и кој бил условен од строгите ограничувањата што ги пропишувал тогашниот османлиски шеријатски закон. Иако според надворешната архитектура Бигорскиот католикон е  скромна еднокуполна градба, сепак е еден од првите поголеми храмови во периодот после освојувањето на Турците-Османлии. Грандиозноста на храмот се должи на фактот, дека неговата изградба е одобрена со посебен ферман – дозвола од султанот. Дело е на мајстори-градители, копаничари и зографи од дебарскиот крај.

Византискиот стил на архитектурата на Бигорскиот храм побудува смирение, како однадвор, така и внатре. На влезот од храмот се наоѓа нартексот, украсен со мермерна преграда – трифора, која го затвора пристапот кон централниот дел на храмот и го исполнува просторот со необична тишина и полумрак. Затоа тука, во пригушената светлина на внатрешниот нартекс, луѓето ги обзема чувство како да се оддалечуваат од светот и световните грижи.

Црква Св Ѓорѓи

Свети Ѓорѓи — главна и единствена манастирска црква на Курбиновскиот манастир, сместена над селото Курбиново, Преспа, во непосредна близина на Преспанското Езеро.

Во кругот на црквата се наоѓале старите селски гробишта на Курбиново, кои се користеле до 1921 година.